* На денешниот состанок со првиот човек на клубот Благоја Николовски ќе се знае понатамошниот статус на тренерот Иванчевиќ и на фудбалерите
Мини-одморот за фудбалерите завршува денеска во 10 часот, за кога е закажан состанок на фудбалерите и стручниот штаб со раководството на клубот. На денешната средба со првиот човек на клубот ќе се "откријат" многу енигми и ќе се знае понатамошниот статус на стратегот на ѓорчепетровци Радмило Иванчевиќ и на фудбалерите. Раководството на клубот ќе настојува да ја продолжи верноста со искусниот стратег Иванчњевиќ, кој со ѓорчепетровци има запишано историски успеси. Под негово водство освоен е за првпат во историјата на клубот Купот на Македонија, а за првпат ѓорчепетровци се најдоа во квалификациите на Купот на УЕФА како второпласирани. И во оваа сезона екипата ја завери евро-визата, но овој пат во Интер-тото купот. Успеси кои се за почит и токму поради тоа првите луѓе на ѓорчепетровци ќе настојуваат да го задржат српскиот тренер, а дали тоа ќе биде само за настапите на евро-сцената или, пак, подолгорочно и во првенството, ќе зависи од амбициите.
Токму амбициите ќе ги "кројат" и евентуалните засилувања. Политиката на клубот е првиот тим да се "освежува" со млади сили од фудбалската школа на "лавовите". А втората опција е доколку апетитите за новата сезона и за евро-сцената се поголеми да се ангажираат две до три квалитетни засилувања. Со заминувањето на Шчепановиќ и Бошковиќ, а претходно и со преселбата на Филип Ивановски во Горцлин нападот на ѓорчепетровци несомнено дека ќе треба да се засили. И средниот ред по заминувањето на Положани ќе треба да се "освежи". Но, како ќе се пополнуваат овие места во екипата, ќе одлучат токму амбициите.
На денешниот состанок ќе се знае целокупниот план и програмата за работа до првиот меч во Интер-тото купот. "Лавовите" за разлика од другите прволигаши ќе тргнат први со подготовките, поради настапот во Интер-тото купот, а тоа значи дека ќе следува пеколен ритам на работа