Конечно е дефиниран и прецизиран планот за летните подготовки на "романтичарите". Собирот, поточно кажано стартот на подготовките е закажан за в недела, а потоа следува еден месец и половина пеколна работа, прво во Скопје, а потоа и во Србија со цел фудбалерите добро да се подготват за она што ги очекува наредната сезона, како во првенството така и во националниот Куп.
"Не смееме да ги заборавиме и настапите во квалификациите во Купот на УЕФА. Посакуваме што подобро да го претставуваме како и секогаш македонскиот фудбал во фудбалска Европа", напоменува Жикица Тасевски, помошникот на шефот на стручниот штаб Драгољуб Беквалац.
За деталите околу подготовките Тасевски ни изјави:
"Како што е познато, се собираме в недела, на 17 јуни, во 10 часот. По првата прозивка, каде што играчите ќе ги запознаеме со планот на подготовките, веднаш стартуваме со тренинзи. Во Скопје остануваме до 24 јуни каде ќе тренираме по двапати на ден на нашите помошни игралишта. Во овој период играчите ќе ги направат сите детални и вообичаени лекарски прегледи. По еднонеделната работа во Скопје на 24 јуни заминуваме во Србија, поточно на Тара каде што според нашите информации ќе имаме прекрасни услови за работа. Таму остануваме до 9 јули кога е закажано враќањето во Скопје. На Тара покрај вообичаените тренинзи најмалку по двапати на ден ќе одиграме и најмалку 3-4 пријателски или контролни натпревари со цел новите играчи кои ги очекуваме деновиве да дојдат во нашата средина. Ќе се воигруваме и ќе работиме на тактичко - технички план. За спаринг партнери досега ги договоривме Војводина и Зета, останува да договориме уште барем еден противник. И на 12 јули закажана е генералката во Скопје пред нашиот настап во Купот на УЕФА. Допрва ќе видиме со кого ќе играме на таа генералка", заврши Тасевски