Иако неговото име изминативе денови се врзуваше за евентуален ангажман со неколку странски клубови, сепак, извесно е дека 21-годишниот напаѓач Христијан Кировски и следната сезона ќе биде на располагање на нашиот најтрофеен клуб. Кировски, кој беше еден од најзабележителните во вардаровите редови во пролетната дел од шампионатот 2006/2007, сигурно ќе биде на располагање на шефот на стручниот штаб Драган Канатларовски за квалификациските натпревари во Купот на УЕФА, а огромна е веројатноста, доколку не се појави странската варијанта која не се одбива, да биде дел од тимот во следната натпреварувачка година.
Како што е познато на "Градски" исто така остануваат и Бразилецот Дос Сантош Вандаир, како и Бурхан Емурлаху а напаѓачките редови се вистински комплетирани со младиот Јован Костовски. Од офанзивците од минатата година тимот го напушти Бразилецот Тиаго Родригез.
Кметовски повторно интересен за "вардарците"
Повремениот македонски репрезентативец Љупчо Кметовски повторно е интересен за "црвено-црните". Доколку се случи Вардар да остане без Јорде Георгиевски на голот кој отворено најавува дека ангажман надвор од земјава му е прва варијанта во неговите "летни размислувања" лесно може да се случи Вардар повторно да инсистира на договор со Кметовски кој пред една сезона го бранеше голот на тимот од "Градски".
Кметовски во јуни ја прекина соработката со новиот второлигаш Милано