*Исто како и лани, македонската амбасада загуби во финалето од домашните дипломати
Екипата на македонската амбасада потпомогната со неколку играчи од хрватската го освои второто место на традиционалниот турнир во мал фудбал за дипломати во Букурешт (Романија). Исто како и минатата година така и на овој турнир нашите дипломати загубија во финалето од домашните па така повторно го освоија второто место. Овојпат тие загубија со 7:4. Претходно нашите дипломати просто ги прегазија своите противници. Бугарија беше совладана со 5:0, Украина со 6:3, во претквалификациите имаше триумф и со 8:0. Нашата амбасада во Букурешт одлично фудбалски ја претставуваше својата земја, имено од 40 екипи тие го освоија второто место со вкупна гол разлика од 34 дадени и 11 примени голови.
Инаку правилата на овој турнир беа исти како и претходните години. На теренот кој е нешто помал од обичниот, фудбалските екипите имаа по шест играчи во поле плус голман. Боите на нашата амбасада заедно со Хрватската ги бранеа следните играчи: амбасадорот Тихомир Илиевски, Ханиф Даути, Дејан Станоев, Џими Геровски кој беше еден од најдобрите играчи на турнирот, Васил Мијовски, Марјан Михајлов, Климе Џамтовски, Горан Костов, Златко Филиповски, Сашо Аврамовски, додека од хрватската амбасада за нашата екипа настапија Томислав Влахутин, Мирко Радиќ, Ренато Шалиќ и Миладин Бобан.
Синоќа по завршувањето на турнирот беше организиран и свечен прием на кој присуствуваше и министерот за надворешни работи на Романија кој заедно со легендата на романскиот фудбал Лупеску ги додели наградите, поточно пехарите, медалите и слично. Да кажеме дека минатата година наградите ги доделуваше Георге Хаџи.
Инаку пред одигрувањето на финалниот натпревар се интонираа химните на Македонија и Хрватска, како и домашната на Романија. Исто така беа поставени и официјалните знамиња на трите држави. А на самиот финален натпревар имаше ТВ камери и голем број новинари кои пројавија интерес за ова финале.
Како што не информира амбасадорот Илиевски овие дружења со повеќе дипломати од Европа беа искористени за лобирање за побрз прием на нашата земја во евроатланските структури, а особено се продлабочи соработката со Хрватска