Македонија Ѓ.П. на мегдан со Черно Море во второто коло
Во реваншот ѓорчепетровци ја анулираа негативата од еден гол од Кипар и славеа со 2:0 против Етникос Ахна
Младиот состав на Македонија Ѓорче Петров го совлада кипарски Етникос од Ахна со 2:0 и се пласираше во второто коло во Интертото купот каде веќе во сабота на „Градски“ ќе го има првото соочување со бугарскиот претставник Черно Море од Варна. Подобриот од овој двомеч во третото коло го очекуваат пресметките со Сампдорија.
Почетната цел е исполнета, и тоа на начин како што најави тренерот Иванчевиќ. Со трпелива, борбена и дисциплинирана игра е остварена посакуваната победа без примен гол за продолжување на настапите на ѓорчепетровци во ова летно клупско натпреварување во организација на УЕФА. Интернационалниот фудбалски колектив од Кипар кратко време беше комотен на „Градски“. Позитивата од еден гол што ја донесоа од Кипар ѓорчепетровци им ја поништија по само 13 минути игра. На пат кон Варна екипата на Македонија Ѓ.П. ја поведе младинскиот репрезентативец Александар Стојановски, а истиот фудбалер беше автор и на вториот гол во 65 минута.
„Морам да признам дека Етникос покажа повеќе кога ќе се земат во обзир двата меча. Во реваншот ние одигравме попаметно, на резултат, прикажавме фанатична, борбена и дисциплинирана игра. Целта е исполнета. Ова е голема победа за овој млад тим на Македонија Ѓорче Петров“, изјави по мечот Радмило Иванчевиќ, кормилар на Македонија Ѓ.П.
Тимот од скопската населба Ѓорче Петров за нијанса беше подобар противник во текот на сите 90 минути. Момчињата на Иванчевиќ покажаа зрелост. Добро се движеа низ теренот со оглед на временски прилики, не создадоа кој знае колку шанси, но знаеја како да ја задржат топката и да калкулираат со времето.
„Одигравме квалитетен меч со оглед на временските прилики. Македонија Ѓ.П. рано ја анулираше негативата од првиот меч, во второто полувреме, благодарение на паметната игра, постигна уште еден што ја одведе во второто коло од Интертото купот и дуелите со Черно Море. Во последните 25 минути моравме да се отвориме и да одиме на се' или ништо. Ни' беше потребен еден гол, но за жал не успеавме да го постигнеме. Ние шансата ја пропуштивме во првиот меч на Кипар. Честитки за екипата на Македонија Ѓ.П. и и' посакувам многу среќа во натамошните настапи во ова натпреварување“, истакна српскиот тренерски стручњак на кормилото на Етникос, Светозар Шапуриќ.
Македонија Ѓ.П. - Етникос Ахна 2:0
Полувреме: 1:0. Градски стадион во Скопје. Гледачи: 2.000. Гл. судија: Меир Леви. Помошници: Ејал Шарон и Абед Елубра (сите тројца од Израел). Ж. картони: Колев, Ристевски, Мојсов (Македонија Ѓ.П.), Шлихтинг (Етникос Ахна). Стрелци: Стојановски во 13 и 65 минута за Македонија Ѓ.П.
Македонија Ѓ.П.: Колев, Деспотовски, Милосављевиќ, Јовановски, Љамчевски (Ристевски), Митрев (Исмаили), Брњарчевски, Кривокапиќ, Милошевиќ, Мојсов, Стојановски (Димовски). Тренер: Радмило Иванчевиќ.
Етникос Ахна: Адамовиќ, Сиалис, Гркиниќ, Котсонис, Стјепановиќ (Гебро), Шлихтинг, Појиади, Ипавец, Пашиали (Лоизов), Суљановиќ, Бланко (Фернандеш). Тренер: Светозар Шапуриќ