Вардар тргнува без засилувања
Без засилувања во првата фаза од подготовките, денеска од 17 часот Вардар ќе стартува со тренинзите пред почетокот на новата сезона. Од клубот си замина Ертан Демири, кој му се приклучи на лутиот ривал Работнички Кометал. Во тек се преговорите со 21-годишниот одбранбен играч на Партизан, Томислав Пајовиќ, а од клубот најавија ангажман уште најмалку на тројца фудбалери. Еден од нив веројатно ќе биде голманот Љупчо Кметовски, кој го напушти новиот прволигаш Милано. Ако се договори со челниците на „црвено-црните“, Кметовски ќе се врати во Вардар за да го замени Јорде Георгиевски, кој ја одби и втората понуда да остане уште една година. И преостанатите две најавени засилувања се од македонските клубови, првичните разговори се завршени, но од Вардар одлучија да не ги објавуваат имињата додека не се заврши работата.
- Договорот со нив е во финална фаза, а ако успееме да ги ангажираме, ќе ни се приклучат во Охрид. Од задутре на тренинзите во Скопје треба да се појават и Бразилците Вандеир, Брага и Де Франка, заедно со кондицискиот тренер Леонаш да Переира Чита - велат од клубот.
Токму македонскиот туристички бисер Охрид ќе биде домаќин на Вардар од понеделник. „Црвено-црните“ таму ќе ја одработат втората фаза, што ќе трае 12-14 дена. Потоа актуелниот освојувач на Купот ќе игра најмалку две пријателски средби во Бугарија или во Србија, пред почетокот на натпреварите во УЕФА-купот на 19 јули. Ждрепката за 1. квалификациско коло од најмасовното клупско натпреварување ќе се одржи на 29 јуни во Нион, Швајцарија, а Вардар не е во групата на носители