Работнички К во Томе Пачовски и Филип Маџовски го има можеби најдобриот голмански тандем во нашата Прва лига. Првиот е актуелен, а вториот е екс репрезентативен голман (н.з во времето кога селектор беше Слободан Сантрач), и двајцата поседуваат квалитет па аналогоно на тоа и за двајцата во овој преоден рок има понуди своите кариери да ги продолжат надвор од нашите граници, иако и двајцата се "врзани" со Работнички К со цврсти договори.
Во последните два - три дена актуелен е интересот на хрватскиот прволигаш Славен Белупо за Филип Маџовски. Најмеродавен за тоа дали популарниот Маџо ќе замине во клубот од Копривница или, пак, во некој друг клуб е потпретседателот на "романтичарите", Коста Костовски.
"Има интерес од Хрватска за Маџовски, сега конкретно за кој клуб не би можел да ви кажам. Она што пишуваше во вашиот весник за Славен Белупо можеби е точно, но никој од тој клуб или менаџер од Хрватска не се јавил во нашиот клуб со понуда. Инаку, јасно е дека за Маџовски ќе бараме отштета, но с$ зависи од преговорите, ние сме отворени за сите да разговараме ако има понуда од странство, но јасно е дека не можеме да си дозволиме во овој преоден рок да останеме и без Маџовски и без Пачовски. Тоа ќе биде премногу. Има интерес и за Пачовски, но еден од нив останува во нашиот клуб без разлика за каква понуда се работи", посочи Костовски.
Пред две недели Работнички К од своите редови пушти десет фудбалери, единаесеттиот Горан Тодорчев се пресели во хрватскиот Осиек, па затоа се наметнува прашањето до Костовски какви се амбициите на клубот во овој преоден рок.
Се споменуваат Бобан Јанчевски, Ертан Демири и Арѓент Беќири.
"Ние, како и претходно што беше кажано, од нашиот клуб имаме намера да доведеме само квалитетни фудбалери. Имало разговори со тие играчи, има и ќе има со други. Значи во полн ек се работи на оваа проблематика во Работнички К. Шансите повторно нашиот клуб да има добар и квалитетен тим се огромни. Убеден сум дека повторно во овој преоден рок ќе купиме играчи кои се на нивото на нашиот клуб. Значи нека не се грижат нашите симпатизери и сите оние кои го почитуваат Работнички К, имаме намера повторно нашиот клуб да го направиме водечки во земјата. Нашите амбиции, како што најавив и на последниот прес, за наредната сезона се што поуспешно претставување во Купот на УЕФА како и атак на двојната круна", заврши Костовски