* "Ова е наша шанса за докажување. Ова е шанса за тимот кој прв пат заедно ќе игра на европската сцена. Анортозис не е некое име од кое треба така силно да се стравува", велат Стјепановиќ и Секуловски
Кипарскиот Анортозис, ако се погледне годишниот буџет со кој располага, ако се погледнат имињата на фудбалерите во тимот, но и ако се погледнат игрите на нашиот Вардар во подготвителниот период дефинитивно е голем фаворит во дуелот со "црвено-црните" во рамките од првото квалификациско коло во Купот на УЕФА.
Кипраните и пред првата средба на 19 јули на "Градски" во Скопје веќе се запишани како фаворити на хартија, меѓутоа фудбалерите на нашиот најтрофеен клуб не ни помислуваат така лесно да им го препуштат патот во второто квалификациско коло.
"Тие може да си бидат фаворити на хартија, меѓутоа последната математика излегува само на зелениот терен", вели незаменливиот во средниот ред Остоја Стјепановиќ. "Факт е дека одигравме многу слабо на подготвителните натпревари, па ете нека биде веќе на дуелот со Анортозис во четврток да го поправиме тоа. Со силна желба и нагласено единство во тимот верувам дека може да стигнеме до поволен резултат".
Еднакво е размислувањето и на стандардниот левокрилен дефанзивец, искусниот Владимир Секуловски.
"Нам ни е јасно дека нема што да загубиме од овие средби, а може многу да добиеме. Анортозис не е некое име од кое треба да се стравува. Подготвени сме со максимален ангажман да ги израдуваме нашите навивачи."
И за двајцата првотимци на Вардар најважно е без примен гол да се патува на реванш средбата за две недели.
"Секој резултат без примен гол на домашен терен, 0:0, 1:0, 2:0 за нас ќе биде одличен во очекување на дуелот на Кипар. Ова е наша шанса за докажување. Ова е шанса за тимот кој прв пат заедно ќе игра на европската сцена. Желно ја очекуваме средбата, силно мотивирани за надигрување, па зошто да не обезбедиме и пласман во следното коло", велат Стјепановиќ и Секуловски