*"Имаме сознанија за Работнички К, станува збор за квалитетен тим, затоа велам дека шансите се подеднакви" вели Миланиќ
Дарко Миланиќ пред месец и половина е назначен за нов стратег на Горица, противникот на Работнички К во 1. квалификациско коло во Купот на УЕФА. Миланиќ не е непознат за нашите балкански простори. Екс фудбалер на Изола, Партизан и австрискиот Штурм. Играше и за словенечката репрезентација од времето кога селектор беше Среќко Катанец. Како тренер пак ја водел екипата на Приморје а бил асистент во Штурм. Важи за еден од најперспективните тренери во Словенија и затоа му е дадена шанса да го води еден од најдобрите клубови во "дежелата".
Со Миланиќ телефонски направивме мини - интервју а поводот секако дека е претстојниот двомеч помеѓу Горица и Работнички К.
"Веднаш по ждрепата реков дека добивме квалитетен ривал. Знаеме за успесите на вашиот тим во минатите две години во квалификациите во ЛШ. Но, исто така знаеме дека мојот колега Драгољуб Беквалац направи вистински ремонт во екипата. Си заминаа десетина играчи а исто толку се доведени. Имаме и тоа какви сознанија за Работнички К, ќе повторам дека станува збор за квалитетен ривал, затоа велам дека шансите се подеднакви, 50-50% за пласман во наредното коло" потенцира стратегот на Горица.
За тоа што може да биде пресудно во овој двомеч...
"Се разбира дека ќе пресуди кој повеќе ќе постигне голови. Шансата Работнички К треба да ја бара во реваншот каде ќе биде пеколно. Сум играл во Скопје, позната ми е атмосферата која знаат да ја создадат вашите навивачи. Затоа потребен е триумф в четврток најмалку со два гола а притоа без да се затресе нашата мрежа" заврши Миланиќ